• Горан Упале

Организаторите на „фајнал-фор“ турнирот во Евролигата ги објавија цените на билетите за завршниот турнир од елитното натпреварување.
Турнирот на четирите најдобри во Евролигата во 2025 година ќе се одржи во Абу Даби, што ќе биде првпат во историјата финалниот турнир од елитното натпреварување да се организира на Блискиот Исток.
Билетите официјално ќе бидат пуштени во продажба на 26 февруари, а цените се движат од 57,25 евра по натпревар (229 евра за целиот настан) за горните сектори зад кошот, до 949,75 евра по натпревар (вкупно 3.799 евра) за најлуксузните седишта покрај теренот во првиот ред. Домаќин на спектаклот ќе биде модерната „Етихад Арена“, која се наоѓа во познатиот забавен комплекс во Абу Даби и може да прими 12.000 гледачи.
Полуфиналните натпревари се закажани за петок, 23 мај, со почеток во 19:00 часот и 22:00 часот по локално време (16:00 и 19:00 часот по средноевропско време). Натпреварот за третото место и големото финале ќе се одиграат во недела на 25 мај во 15:00 и 18:00 часот по средноевропско време.