Отказ за Синиша Матиќ од клупата на Карпош Соколи

Карпош Соколи по десетте врзани порази на стартот од сезоната, седум во АБА лигата, два во БИБЛ лигата и еден во финалето од Супер Купот, се раздели со досегашниот стретег на тимот, Синиша Матиќ. Оваа информација клубот до јавноста ја лиферуваше преку својата официјална страница во која се вели.

„Српскиот кошаркарски стратег, Синиша Матиќ, повеќе не е тренер на екипата на Карпош Соколи, откако си поднесе оставка набрзо по завчерашниот пораз од Унион Олимпија.Главна причина за ваквата негова одлука е лошиот старт на сезоната и деветте порази во низа од кои седум во АБА-лигата, а два во БИБЛ-лигата. „Соколите“ и Матиќ поголем дел од овие средби ги загубија во финишот, на една топка и без трошка спортска среќа. Без разлика на заминувањето од екипата, името на Србинот ќе остане запаметено и запишано во клупската историја, како тренер кој ги остварил најголемите успеси – финале од Купот на Македонија и полуфинале од плејофот. Управата на Карпош Соколи му благодари на вложениот труд и му посакува сѐ најдобро во продолжението од кариерата. Името на неговиот наследник допрва ќе треба да се одреди“, стои во дописот од клубот.

Матиќ на клупата на Карпош Соколи дојде пред почетокот на минатата сезона и го направи најголемиот успех во историјата на клубот, изборувајќи финале во Купот. Следниот предизвик за „соколите“ е мечот в понеделник на гости во Србија против ФМП Железник.