• Саше Љолес
По освоениот златен медал на Олимписките Игри, Џоел Ембид живее денови на голем успех кој не остана незабележан и од неговата родна земја, Камерун.
Ѕвездата на Филаделфија 76ерс имаше можност да настапува за Камерун, Франција и Соединетите Американски Држави, но одбра да го облече дресот на американскиот „дрим-тим“, со кој успеаја да триумфираат на кошаркарскиот турнир во Париз.
Иако во Франција добиваше свирежи од домашната публика, неговата родна земја не го заборави овој успех и реши да го одликува со неколку награди, без оглед на тоа што не настапува за Камерун. Претседателот Пол Бија му додели орден за „огромен придонес во развојот на уметноста, спортот и науката“, а воедно Ембид добива и дипломатски пасош кој ќе може да го користи при сите патувања во иднина.
Соединетите Американски Држави ја оправдаа фаворитската улога на Олимписките игри, а Ембид имаше свој значаен придонес, особено поради фактот што „дрим-тимот“ по подолго време доби квалитетна „петка“ во својот ростер.