• Саше Љолес

Екипата на Олимпија Милано доживеа нов пораз во Евролигата, откако загуби на гостувањето кај Баерн Минхен со конечен резултат 87-70. Нашиот Ненад Димитријевиќ имаше солидно издание за италијанскиот тим и забележа учинок од осум поени и две асистенции.
Првото полувреме беше многу неизвесно, Баварците имаа само поен повеќе на паузата (37-36), но заиграа експлозивно во третата четвртина и се чини дека тука ја создадоа клучната разлика. Милано се обиде да одговори во последните десет минути, но без особен успех, на крајот впишувајќи го дванаесеттиот пораз. За Баерн Минхен ова е петнаесетти триумф сезонава.
Панатиниакос славеше победа во драматичен натпревар против екипата на Фенербахче (91-90). Европскиот шампион ги освои бодовите со слободните фрлања на Кендрик Нан, кој намерно го промаши последниот обид на 0,5 секунди до крајот.
„Детелинките“ од Атина се на петтата позиција, додека Фенербахче останува второпласиран со скор од 16 победи и осум порази.