Осман промаши две слободни фрлања, Франција во луд меч и продолжение ја исфрли Турција

Селекцијата на Франција е првиот патник во четвртфиналето на Европското кошаркарско првенство, откако по голема борба ја совлада Турција со минимални 86-87, по дополнителни пет минути. Во регуларниот дел натпреварот заврши со 77-77.

Oсминафиналната фаза започна со луд натпревар во Берлин. Кошаркарите на Франција подобро го отворија натпреварот и имаа предност во поголемиот дел од првото полувреме, но во третата четвртина нивната игра целосно се распадна. Во третите десет минути „триколорите“ постигнаа само шест поени и дозволија Турција резултатски да се одпели и за првпат да поведе со двоцифрена предност. Сепак, во последниот квартал Франција се врати во ритам и дуелот влезе во супер-неизвесна завршница. 

Во последната минута Осман не реализира две слободни фрлања за водство на својата селекција од четири поени, а веднаш потоа Турците направија техничка грешка во напад. Тоа го казни Гобер со забивање за 77-77 и дополнителни пет минути. Во продолжението Франција беше поконцентрирана и заслужено славеше со 86-87 и се пласира меѓу осумте најдобри на шампионатот.

Руди Гобер со 20 поени и 17 скока беше најдобар поединец кај Франција, а Томас Ертел и Еван Фурние додадоа по 13 поени. На спротивната страна Бурган Тангер постигна 22 поени, Фуркан Коркмаз 18, Сертач Санли 12, а Чеди Осман застана на 11 поени.