Осман претставен во ПАОК: Дојдов да освојуваме трофеи!

Турскиот репрезентативец Џеди Осман беше свечено претставен како нов кошаркар на ПАОК пред бројни навивачи во салата „ПАОК Спортс Арена“, каде доби топол пречек.

Осман им се заблагодари на фановите за поддршката и истакна дека амбициозниот проект на клубот бил главната причина да ја прифати понудата.

„Од првиот разговор со раководството почувствував дека сакам да бидам дел од оваа приказна. Тука сум за да помогнам да освоиме што е можно повеќе трофеи. Со вашата поддршка сè ќе биде полесно, вие сте нашиот шести играч“, порача турскиот ас, роден во Охрид.

Легендата на клубот Бане Прелевиќ му го врачи дресот со бројот 6, кој Осман ќе го носи во наредните три сезони, а промоцијата заврши со дружење со навивачите и потпишување сувенири.