Осман ги уништи Бугарите, втора победа на Турција на Евробаскетот

По истото сценарио како и во првото коло на групната фаза, еден од фаворитите од сенка, селекцијата на Турција запиша победа и во второто коло. Момците на Ергин Атаман во второто полувреме го скршија отпорот на бугарската репрезентација и забележаа победа од 87-101. 

Дуелот во „Тбилиси Арената“ две четвртини беше израмнет, благодарение на фантастичниот Александар Везенков, но потоа турската ротација и квалитет под обрачите дојде до израз. Темпото ги уништи Бугарите и примија премногу кошеви во последната четвртина. Поразот од четиринаесет разлика веројатно е преголема казна за нивниот настап.

Најефикасни во турскиот тим беа Осман со 25 и Шенгун со 20 поени, додека кај Бугарите се истакна Везенков со 28 поени. 

Црногорците ја совладаа Белгија со 76-70, во натпревар во кој доминираа од самиот почеток. Во таборот на Црна Гора, Дубљевиќ постигна 21 поен со 11 скока и четири асистенции и го понесе епитетот играч на натпреварот. Со 25 поени кај Белгија се истакна Обасохан.

Во драматичен дуел на двете поранешни советски републики, Украина ја совлада Естонија со 73-74.

До крајот на денот преостануваат уште шест натпревари од второто коло во сите четири групи.