Општина Карпош му даде поддршка на новиот кошаркарски прволигаш

Кошаркарскиот тим ТФТ обезбеди пласман во Првата лига како најдобар меѓу второлигашите, а клупската управа веќе се фокусира на формирање на тим и формирање на солиден буџет, кој ќе донесе успех на подолг тек.

Една од страните кои ги сослуша креаторите на проектот беше Општина Карпош. Градоначалникот Стефан Богоев ги прими првите луѓе на ТФТ и на средбата се разговараше за идните планови на екипата, како и за можна соработка и помош на спортски план од Општината.

„Имавме средба со градоначалникот на која се разговараше за прволигашкиот предизвик, амбициите и целите. Благодарност, затоа што наидовме на поддршка од него и договорена е соработка со цел репрезентативно претставување на Општината на спортски план“, велат од ТФТ.

ТФТ веќе го донесе првото прволигашко засилување, тоа е Тај Харис од САД, а се споменуваат уште неколку кошаркарски имиња со прволигашко искуство кои треба во наредниот период да пристигнат во тимот од Тафталиџе. Се очекува овој тим кој беше создаден од група ентузијасти и од маалски прерасна во прволигашки проект, да биде освежување на кошаркарската сцена.