Олимпијакос со Везенков и гранитна одбрана го урна „кралот“ во дербито

Грчки Олимпијакос во дербито на шестото коло од Евролигата успеа да слави над Реал Мадрид со резултат 79-69 во меч кој се одигра во салата „Мир и пријателство“ во Пиреја.

На овој меч за грчкиот тим не настапи Кинан Еванс, додека за шпанскиот тим не играа Андрес Фелиз и Усман Гаруба. Прашањето околу победникот го реши одличната одбрана на грчкиот првак во воведните минути од четвртиот квартал.

Момент на пресврт беше и тројката на Саша Везенков на 90 секунди пред крајот. Бугаринот на крајот даде 23 поени, а го следеше Мекисик со 15 поени и девет скока. Кај Реал Мадрид се истакна Хезоња со 15 поени, додека Дек уфрли 12 поени.

Олимпијакос во следното коло игра со Барселона, додека Реал Мадрид се соочува со Макаби Тел Авив.