Олимпијакос против најтрофејниот по прва титула уште од времето на Антиќ

Европа вечерва ќе добие нов кошаркарски владетел, бидејќи одамна е јасно дека Анадолу Ефес не може до одбрана на тронот. Турците го завршија настапот во Евролигата уште во регуларниот дел, па сега за трофејот ќе се судрат Олимпијакос и Реал Мадрид

Двете екипи покажаа многу во првата фаза на натпреварувањето, а потоа играа израмнети четвртфиналиња кои ги решаваа во „мајсторка“. Олимпијакос одигра апсолутен егал со Фенербахче, додека Реал се врати од 2-0 и два „брејка“ против Партизан за место на завршниот турнир. Тука, во Каунас и едните и другите одиграа тешки натпревари, иако славеа двоцифрено. Олимпијакос беше во негатива по првиот дел со Монако, меѓутоа со „луда“ трета четвртина која ја доби со 27-2 дојде до предност и победа. Од друга страна во „Ел Класико“ екипата на Барса исто така водеше на одморот, за потоа Реал Мадрид да ја крене формата и да дојде до пресврт. 

Во пресрет на финалето „кралевите“ се во серија од осум последователни победи на сите фронтови. Сепак, според букмејкерите поголеми шанси за тронот има Олимпијакос. Грчкиот гигант игра неверојатна сезона, покажа дека е спремен за високи дострели, а во Каунас има и огромна поддршка од трибините. Сезонава овие два тима се сретнаа трипати. По еднаш и Реал и Олимпијакос славеа како домаќини, додека Грците еднаш победија и на гости во голема драма. Хендикеп за Матео Чус на овој завршен турнир е неиграњето на Габриел Дек, додека Олимпијакос е комплетен. 

Кога се зборува за титулите, Реал Мадрид е апсолутен лидер со десет, додека има уште девет настапи во финалињата. Од друга страна, Олимпијакос има три најсјајни одличја од осум финалиња. Последните две титули на грчката екипа датираат од сезоните 2011/12 и 2012/13, кога дел од тимот беше сегашниот претседател на КФСМ, Перо Антиќ.

Финалниот натпревар во „Жалгирио Арена“ е закажан во терминот од 19:00 часот, додека претходно од 16:00 се игра „малото финале“ меѓу Монако и Барселона