Олимпијакос одигра за Партизан и го оддалечи Ефес од плеј-офот

Во дербито на 24. коло на Евролигата екипата на Олимпијакос славеше голема победа над Анадолу Ефес со 76-70 и на еден начин му направи услуга на белградски Партизан во битката за последните места кои што водат во плеј-офот. 

Со овој пораз турскиот тим сега е под „црно-белите“ на табелата со скор 11-12, додека Партизан има една победа повеќе и моментално е во зоната која води во разигрувањето за титулата. Олимпијакос, пак, кој од поодамна си обезбеди место меѓу најдобрите осум, се врати на лидерската позиција со 16 победи и седум порази, исто колку што има и Реал Мадрид.

Најефикасен на натпреварот беше Саша Везенков со 23 поени, а во победничкиот табор се исткнаа уште Лунис со 13, а Фал и Мекисик со по 10 поени. Во турскиот табор Родриг Бобоа, Елајџа Брајант, Шејн Ларкин и Василије Мициќ имаа по 10 поени.

Значајна победа забележа и Басконија, откако на свој паркет со 95-90 го совлада тимот на Панатинаикос и така се зацврсти на шестата позиција на табелата. Хауард со 24 беше најдобар во шпанскиот тим, додека за ПАО прв стрелец беше Вилијамс со 19 поени.