Олимпијакос на крилата на пеколната атмосфера последен ја „грабна“ визата за Белград

Кошаркарите на Олимпијакос ја „грабнаа“ последната виза за Белград. Грчкиот кошаркарски гигант ја продолжува својата битка за трофејот во европската елита, откако со моќна последна четвртина го скрши отпорот на Монако во „мајсторката“ (94-88) и ќе учествува на овосезонскиот „фајнал-фор“ турнир во Евролигата, кој се игра во српската престолнина.

Во неверојатната атмосфера во преполната сала „Мир и пријателство“ се гледаше голема борба од првата до последната минута, а Монако имаше максимални +11 на крајот од првото полувреме, најмногу благодарение на Јакуб Уатара, кој погоди четири тројки во првите дваесет минути. 

По паузата Олимпијакос одигра многу поборбено во одбраната, а на крилата на големата поддршка од трибините влезе во посакуваниот ритам и на крај се избори за сигурна победа од шест поени разлика. Дуелот во Пиреја беше прекинат на девет секунди пред крајот бидејќи навивачите влетаа во теренот, но набрзо продолжи.

„Фајнл-форот“ во Белград на програмата е од 19 до 21 мај, а покрај Олимпијакос ќе учествуваат уште Реал Мадрид, Барселона и Ефес.