Олимпијакос го прослави, па го доби атинското дерби

Во 15. коло на грчкиот кошаркарски шампионат се одигра 248 вечно дерби помеѓу Олимпијакос и Панатинаикос. Натпреварот го добија домаќините од Пиреја со 80-66 (27-9, 26-20,13-25, 14-12), и така му го нанесоа првиот пораз оваа сезона на Панатинаикос во шампионатот.

Домаќините уште во првиот дел, предводени од феноменалниот Спанулис, кој постигна 16, остварија висока предност од +24 со која заминаа на одмор (53-29).

Во третата четвртина избраниците на Ѓорѓевиќ  успеаа да ја преполоват предноста на црвено-белите, благодарение на добрата игра на Гист, кој постигна 9 поени во тој период. Во последните 10 минути домашните повторно одиграа на нивото на првите две четвртини, за на крајот да слават со 80-66. Најефикасен кај Олимпијакос бешe Василис Спанулис со 17 поени, пред Хакет кој запиша 16. Кај гостите Џејмс Фелдеин постигна 16 поени, а српскиот кошаркар Радуљица запиша 12.

Следен предизвик за грчките клубови е Евролигата. Олимпијакос веќе в четврток гостува кај актуелниот шампион Реал Мадрид, а еден ден подоцна Панатинаикос ја пречекува Дарушафака.