• Иван Димовски
Олимпијакос направи голем чекор кон шампионската титула во Грција, откако го совлада Панатинаикос со 102-92 во третиот натпревар од финалната серија на плејофот.
Домаќинот го контролираше најголемиот дел од натпреварот и во клучните моменти не дозволи противникот целосно да се врати во игра. Фурние и Везенков беа предводници на домаќинот, а Милутинов доминираше под кошевите.
Финишот го одбележа тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, кој поради бурни реакции кон судиите заработи две технички грешки и беше исклучен во последната минута од средбата.
Тимот од Пиреја сега има водство од 2-1 во серијата и е на само една победа од освојување на трофејот. Следниот дуел ќе се игра на теренот на Панатинаикос.
Најефикасен кај победникот беше Еван Фурние со 28 поени, додека Саша Везенков постигна 22, а Никола Милутинов додаде 17 поени. Кај Панатинаикос се издвои Џеријан Грант со 19 поени, пред Ти Џеј Шортс со 15.

