• Горан Упале
Кошаркарите на Олимпијакос убедливо го совладаа Анадолу Ефес со 89-66 во најинтересниот натпревар од четвртото коло во Евролигата.
Тимот на Јоргос Барцокас доминираше под обрачите, запиша дури 49 скока и подели 23 асистенции, наспроти 31 скок и 16 асистенции на турскиот претставник. Дополнително, сите дванаесет кошаркари на грчкиот гигант се запишаа во листата на стрелците. Пресвртницата на натпреварот се случи во третата четвртина, кога домашниот тим повторно го зголеми интензитетот и со серија успешни напади се одлепи на 54–36
Најефикасен кај победникот беше Жан Монтеро со 14 поени, додека Тајрик Џонс додаде 11 поени и шест скока. За Анадолу Ефес ова беше втор последователен, а вкупно трет пораз во новата сезона на Евролигата.
Кошаркарите на Жалгирис приредија изненадување и ја совладаа Барселона со 81-88 на гостински терен. Литванскиот тим одигра одличен квартал, кој го добија со 14-30, и ѝ го нанесе на Каталонците вториот пораз, но прв пред своите навивачи.
Најзаслужен за триумфот на Жалгирис беше Едвардс со 19 поени и седум асистенции, додека Слива постигна 14 поени, а Валанчиунас натпреварот заврши со 12 поени и девет скока. Кај Барселона се истакна Џејсон Робинсон со 20 поени.
Гостинска победа изненадувачки запиша Бешикташ, кој славеше на теренот на Басконија со 84-92.










