• Зоран Мишевски

Првакот на Грција и учесник на последниот „фајнал-фор“ на Евролигата, Олимпијакос од Пиреја доведе уште едно засилување. Тренерот Јоргос Барцокас може да смета на искусниот 181-сантиметри висок бек, Ајзеа Кањан.
Кошаркарот кој минатата сезона ја мина меѓу Русија и Турција, потпиша договор на една сезона со црвено-белите. Кањан блесна во дресот на Уникс, но по суспензијата на руските клубови во европските натпреварувања, Американецот замина во Галатасарај во март годинава. По само три месеци заминува од Турција и се сели во Грција.
Во својата богата кариера, 32-годишниот Кањан настапуваше за Хјустон, Филаделфија, Чикаго, Минесота и Милвоки.
Пред потписот на Кањан, Олимпијакос потпиша со Боломбеј и Питерс.