• Саше Љолес

Искусниот тренер на грчкиот гигант Олимпијакос, Јоргос Барцокас, нема да го предводи од клупата тимот на следниот натпревар од Евролигата против Партизан во Белград. Клубот од Пиреја пристигнува во главниот град на Србија без главниот тренер кој има проблеми со силен вирус. Ситуацијата на Барцокас се влошила вчера, а лекарите препорачале одмор и мирување одреден период.
На мечот со „црно-белите“, Олимпијакос ќе го предводи неговиот асистент Христос Папас. Мечот помеѓу „гордоста на Грција“ и Партизан ќе се одигра в петок со почеток во 20:00 часот.
Олимпијакос во моментов е лидер на евролигашката табела со скор 21-8, додека Партизан е на шестата позиција со 16 победи и 13 порази и води грчевита битка за пласманот во ТОП-8 фазата.
Со евентуална победа на грчкиот тим, Олимпијакос уште повеќе ќе се зацврсти на пол-позицијата, додека со победа на Партизан, српската екипа значително ќе си ги зголеми шансите за пласман во четвртфиналето на најелитната клупска кошарка во Европа.