• Саше Љолес
Италијанскиот кошаркарски клуб Олимпија Милано денеска официјално соопшти дека Зак Ледеј повеќе не е член на екипата.
Репрезентативецот на Азербејџан во два наврати го носеше дресот на миланскиот клуб - најпрво во сезоната 2020/21, а потоа и во последните две сезони.
„Му посакуваме сè најдобро на Зак Ледеј и му благодариме за сезоните минати во нашиот клуб, вклучувајќи ја и историската тројна круна што ја освоивме заедно.
Во трите сезони во Милано, Ледеј помогна да освоиме шест трофеи и да се пласираме на фајнал-фор турнирот во Евролигата во 2021 година. Освен резултатите, тој беше пример за ентузијазам, лидерство и позитивна енергија, нешто што неизмерно го ценевме“, соопшти италијанскиот клуб.
Минатата сезона, Ледеј во Евролигата имаше просек од 13,1 поен и 4,2 скока по натпревар. Во текот на кариерата настапуваше и за Хапоел Гилбоа, Олимпијакос и Жалгирис. Повеќе медиуми шпекулираат дека негова следна дестинација ќе биде Хапоел од Тел Авив.
