ВИДЕО: Оклахома одигра шампионско второ полувреме и поведе во серијата со Минесота!

Оклахома Сити Тандерс својот статус како најдобар тим од регуларната сезона го потврдува и во плеј-офот на НБА. По елиминирањето на Мемфис и Денвер, Тандерси ја победија Минесота со 114-88 во првиот натпревар од финалето на Западната конференција и поведоа со 1-0 во серијата. Шај Гилџес-Александар и неговиот тим до триумфот над „волците“ стигнаа во второто полувреме и јасно ставија до знаење дека се сериозни во намерата на освојувањето на шампионскиот прстен.

Првото полувреме од натпреварот беше обележано со фантастични одбрани на двете страни. Минесота се снајде малку подобро и на полувреме отиде со +4 (48-44).

Сепак, сè се сврте во третата четвртина. Одбраната на Оклахома се стегна уште повеќе, но во ритам влезе и нападот и Тандерси имаа +10. Тие не застанаа тука, дополнително го зголемија притисокот и на крајот остварија убедлива победа. Колку беа доминантни во второто полувреме покажува фактот дека победија со дури триесет поени разлика (70-40).

Шаи Гилџес Александар немаше шутерска вечер, погодувајќи 10 од 27 обиди, но беше најефикасниот играч на натпреварот со 31 поен. Џејлен Вилијамс броеше до 19, а Холмгрен постигна 15 поени. Најдобар играч во редовите на Минесота беше Џулиус Рендл со 28 поени и осум скока. Ентони Едвардс, првата ѕвезда на тимот со 18 поени и 9 скока, беше доста тивок.

Вториот натпревар ќе се игра во четврток кон петок во 02:30 часот по македонско време.