• Горан Упале
Екипата на Оклахома Сити Тандерс го декласира Лос Анџелес Лејкерс и во вториот натпревар од полуфиналната серија од плеј-офот на Западната конференција. Шампионот покажа зошто е најсериозен кандидат за големото финале во НБА лигата, а победата која што му донесе 2-0 во серијата ја извојуваа со убедливи 125-107. На тој начин Тандерси одново го одбранија домашниот терен и го презедоа моментумот што сега може да биде одлучувачки во понатамошниот тек на серијата.
Шеј-Гилџес Александер го предводеше тимот со 22 поени, како и Чет Холмгрен, кој исто така постигна 22 поени и 9 скока, а Аџај Мичел придонесе со 20 поени од клупата. На другата страна, во тимот на Лос Анџелес Лејкерс, Остин Ривс беше најефикасен со 31 поен и 6 асистенции, додека Леброн Џејмс додаде 23 поени, надополнети со 6 асистенции и 6 скока.
Домашниот терен го одбрани и тимот на Детроит Пистонс, кој исто како и Оклахома поведе со 2-0 во серијата. Во вториот натпревар екипата на Кливленд Кавалирс беше совладана со 107-97.
Кејд Канингем повторно го предводеше Детроит со 25 поени и 10 асистенции, додека Тобијас Харис додаде 21 поен и 7 скока. Кај поразениот тим Донован Мичел беше најдобар со 31 поен, а Џарет Ален додаде 22 поени.



