ВИДЕО: Оклахома ги „замрзна“ Лејкерси на -36!

Евидентно е дека без Лука Дончиќ тимот на Лос Анџелес Лејкерс е друга екипа. Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер ги совладаа „езерџиите“ со убедливи 123-87. Ова е уште еден дебакл во низата на славната франшиза, која сезонава игра променливо и до крајности.

Без петмина играчи, Лука Дончиќ, Леброн Џејмс, Остин Ривс, Маркус Смарт и Џексон Хејс, Лејкерси не беа конкурентни. Руи Хачимура со 15 и Дру Тим и Ник Смит со по 11 поени се истакнаа во тимот од Лос Анџелес.

Шеј Гилџес-Александер со 25 поени и Чет Холмгрен, кој оствари „дабл-дабл“ со 15 поени и 10 скокови, беа движечка сила на победничката екипа на Оклахома. 

Бостон Селтикс го совлада Шарлот Хорнетс со 113-102, а блескаше Џејлен Браун со 35 поени.

Во останатите натпревари Вашингтон загуби од Чикаго со 98-129, а Индијана претрпе пораз од Минесота со 104-124.