Охриѓанецот Осман стана еден од најплатените кошаркари во Европа!

Грчки ПАОК го официјализираше ангажманот на турскиот репрезентативец Џеди Осман. Клубот од Солун потпиша тригодишен договор со поранешниот НБА-кошаркар, кој ќе го носи црно-белиот дрес до 2029 година.

Според информациите, Осман ќе заработува околу три милиони долари по сезона, што го прави еден од најплатените кошаркари во европската клупска кошарка. За реализација на трансферот, ПАОК издвоил околу 11 милиони долари. Од нив, девет милиони се наменети за тригодишниот договор на Осман, додека уште два милиони долари му биле исплатени на Панатинаикос за откуп на неговиот договор.

Со овој потег, ПАОК јасно покажува дека повеќе не размислува само за постепен напредок, туку дека има амбиција да се бори за самиот врв. Тимот предводен од италијанскиот стратег Андреа Тринкиери ќе биде еден од главните фаворити за освојување на Еврокупот, а паралелно ќе атакува и на највисок пласман во грчкото првенство.

Осман не е единственото звучно засилување за солунскиот состав. Во клубот веќе пристигнаа искусни имиња како Ник Калатес, Наз Митру-Лонг и Маркус Фостер, додека тимот го засилија и Рејкван Греј, Кајл Александер, како и најдобриот стрелец на француското првенство, Тревор Хаџинс.