• Иван Димовски

Панатинаикос го продолжи договорот со турскиот репрезентативец Чеди Осман, кој ќе остане дел од атинскиот гигант уште најмалку две сезони. Клубот ја потврди веста преку официјално соопштение.
Осман летово пристигна во редовите на грчкиот гигант, по седум сезони минати во НБА-лигата. Тој во најсилната лига на светот настапуваше за Кливленд и Сан Антонио. Сега по потписот на нов договор со Грците не го криеше своето задоволство.
„Се чувствувам благословено што ќе бидам дел од овој клуб уште две години. Панатинаикос е тим кој секогаш се бори за титули, со фантастични луѓе, одличен стручен штаб и исклучителни играчи. Среќен сум што сум тука“, изјави Осман за клупската страна.
Во тековната сезона во Евролигата, Осман има просек од 7,9 поени и 2,4 скока по натпревар.
Инаку, Чеди Осман кошаркар е роден во Охрид, но настапува за турската репрезентација.