Охрид загуби во трилер завршницата кај Босна

Босна Охрид

Екипата на Охрид го запиша и 18. пораз во АБА 2 лигата, откако денес загуби на гостувањето кај Босна (84-82) и остана на дното на табелата со само еден сезонски триумф.

Домашните кошаркари беа подисциплинирани во завршницата и за тоа беа наградени со два освоени бода. И двата тима одиграа доволно за славје, но на крај Стефан Глигоријевиќ немаше среќа и промаши шут за два поена на девет секунди до крајот, кој ќе го однесеше мечот во продолжение.

Охриѓани подобро започнаа и направија солидни 12-18 по првиот период, но потоа ги загубија следните две четвртини за на крај за нијанса да не успеат да го изненадат домаќинот. За два дена Охрид ќе му гостува на Тиват во заостанатиот натпревар од 18. коло.

Кори Бредфорд со 24 поени беше најефикасен кај победничката екипа, додека кај македонскиот претставник се истакнаа Кенет Рос со 25 и Емир Зрниќ со 21 постигнат поен.