ОФИЦИЈАЛНО: Валенсија на Нено и Партизан наместо Русите во Евролигата!

Најавите се исполнија, челниците на Евролигата ги исклучија руските екипи ЦСКА Москва, Зенит и Уникс Казан и од сезоната 2022/23. Поради оваа одлука се направи пресек и во натпреварувањето ќе има нови екипи, а Македонија по долго време пак ќе има претставник во најсилното европско натпреварување. 

На нивно место влегуваат Виртус Болоња, како освојувач на Еврокупот, Партизан како вицепрвак во АБА лигата, како и Валенсија во која настапува Ненад Димитријевиќ. За Болоња беше веќе познато дека влегува во елитата, додека Валенсија и Партизан побараа учество, откако беше јасно дека Русите ќе бидат исфрлени. 

Покрај овие три екипи, стандардно ќе се натпреваруваат Реал Мадрид, Олимпијакос, Барселона, Анадолу Ефес, Фенербахче, Алба Берлин, Монако, Олимпија Милано, Басконија, Црвена Звезда, Асвел, Макаби Тел Авив, Панатинаикос и Жалгирис

Македонија по пет години одново ќе има кошаркар во Евролигата. Последен кој играше беше Перо Антиќ, во сезоната 2016/17, во која со Фенербахче ја покори Европа и стана европски првак. Димитријевиќ минатата година играше во Еврокупот со својата Валенсија, а сега ќе добие шанса на големата сцена.