ОФИЦИЈАЛНО: „Ол-старот“ доби нов изглед – САД против Светот!

Националната кошаркарска асоцијација (НБА) и Националната асоцијација на играчи (НБПА) официјално објавија дека Ол-стар натпреварот во 2026 година ќе се одигра во целосно нов формат – „САД против Светот“. Спектаклот е закажан за недела, 15 февруари 2026 година, со почеток во 23:00 часот по средноевропско време, во модерната арена „Интуит Дом“ во Инглвуд, домот на Лос Анџелес Клиперс.

За првпат во историјата на Ол-стар викендот, ќе настапат три тима: два составени од најдобрите кошаркари од САД, и еден тим составен од меѓународни ѕвезди, познат како „Тимот на светот“. Се очекува составот на меѓународниот тим да го предводат имиња како Никола Јокиќ, Јанис Адетокумбо, Лука Дончиќ и актуелниот МВП на лигата Шеј Гилџес-Александер.

Новиот систем предвидува четири натпревари, секој во времетраење од 12 минути, со формат „секоj со секого“.

- Тим А игра против Тим Б.
- Победникот од првиот натпревар се соочува со Тим Ц.
- Поразениот од првиот дуел потоа игра против Тим Ц.
- Двата најуспешни тима по три натпревари ќе се пласираат во финалето.

Во случај сите три екипи да имаат ист биланс (1–1), поен-разликата ќе одлучи кои два тима ќе се борат за титулата на најдобар Ол-стар состав. Како и во претходните години, вкупно 24 играчи ќе бидат избрани во Ол-стар составите (по 12 од секоја конференција), а изборниот процес ќе остане сличен:

- Пет стартери по конференција ќе бидат избрани преку комбинирано гласање на навивачите (50%), активните играчи (25%) и медиумското жири (25%).
- Седум резерви ќе ги изберат главните тренери на НБА екипите.

За првпат, изборот ќе се спроведе без поделба по позиции, а начинот на распределба на играчите во двата американски тима ќе биде дополнително објавен. Доколку гласањето не обезбеди доволен број 16 американски и осум странски кошаркари, комесарот на НБА ќе има право да додаде дополнителни Ол-стар учесници, со цел да се исполни минималниот состав. Во таков случај, еден или повеќе тимови ќе можат да настапат со повеќе од осум играчи.