ОФИЦИЈАЛНО: Ненад Димитријевиќ се сели во Русија!

Македонскиот кошаркар, Ненад Димитријевиќ, сепак нема да дебитира во Евролигата. Иако се очекуваше дека нашиот плејмејкер во следната сезона за првпат во кариерата ќе биде дел од европската кошаркарска елита, сепак, ова лето ќе менува клупски бои.

Шпанскиот тим на Валенсија, кој доби специјална покана за настап во Евролигата, на местото на руските екипи, се реши да го прати Димитријевиќ на едногодишна позајмица во Русија, во тимот на Уникс Казан.

Така, популарниот Нено ќе почека на своето деби во најсилното европско натпреварување. Ова лето беше поврзуван и со трансфер во Црвена Звезда, тим кој исто така ќе игра во Европлигата, но на крај неговиот избор падна да го засили рускиот тим.

24-годишниот плејмејкер минатата сезона во дресот на Валенсија одигра вкупно 33 натпревари, со просек од 8,4 поени, 1,5 скок и 3,9 асистенции, за повеќе од 18 минути по натпревар.