• Мартин Танасковски
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ и официјално е нов член на грчки Арис кој е предводен од грчката легенда Василис Спанулис. Солунскиот клуб потврди дека искусниот плејмејкер потпишал двегодишен договор, а пристигнува како трансфер од рускиот Зенит Санкт Петербург, со кој имаше важечки договор.
Димитријевиќ, кој е роден на 23 февруари 1998 година во Скопје и настапува на позицијата плејмејкер, зад себе има богата интернационална кариера и настапи во неколку силни европски првенства.
Професионалната кариера ја започна во 2016 година во шпанска Ховентуд Бадалона, каде што остана до 2021 година. Во сезоната 2020/2021 ги прикажуваше своите најдобри партии во дресот на клубот, бележејќи просек од 10,4 поени и 3,6 асистенции по натпревар.
Во 2021 година се пресели во Валенсија, каде што во својата прва сезона имаше просек од 9,5 поени и 4,2 асистенции. Следуваше позајмица во руски Уникс Казан, со кој ја освои шампионската титула во ВТБ лигата, а беше прогласен и за најкорисен играч на финалната серија. Во својата втора сезона во Русија одигра на уште повисоко ниво, со просек од 18,6 поени и 6,7 асистенции, што му ја донесе наградата за најкорисен кошаркар во ВТБ лигата.
Во 2024 година потпиша за Олимпија Милано, каде што во Евролигата одигра 27 натпревари со просек од 7,6 поени и 2,9 асистенции. Една година подоцна повторно се врати во Русија, во редовите на Зенит Санкт Петербург, каде што бележеше 11,5 поени и 5,7 асистенции по натпревар. Во текот на минатата сезона беше испратен на позајмица во Баерн Минхен, каде што во 16 натпревари во Евролигата просечно постигнуваше 11 поени и 4,1 асистенција.
Со неговото доаѓање, Арис добива искусен организатор на играта и еден од најдобрите македонски кошаркари, кој ќе има важна улога во амбициите на солунскиот клуб во домашното првенство и европските натпреварувања.
