• Мартин Танасковски
Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ и официјално има нов клуб. Евролигашот Олимпија Милано го претстави плејмејкерот како засилување за следните две сезони со договор до крајот на сезоната 2025/26.
По две сезони во редовите на Уникс каде се афирмира како лидер, а донесе и титула во ВТБ-лигата, Димитријевиќ тргнува во нов предизвик. 26-годишниот плејмејкер имаше фантастични бројки, но не ја продолжи соработката со рускиот клуб.
Во последната сезона од ВТБ-лигата, Македонецот одигра 50 натпревари во кои имаше статистика од 18,6 поени, 6,9 асистенции, 3,6 скока и 1,2 украдени топки по натпревар, за 30 минути во просек на паркетот. Беше МВП на регуларниот дел од сезоната, девет пати беше во идеалната петорка, а исто и во четвртфиналната и полуфиналната серија.
Следна станица на Ненад Димитријевиќ е „градот на модата“ каде ќе го облече дресот на Олимпија Милано и за првпат во кариерата ќе биде дел од Евролигата. Скопјанецот кој во минатото во повеќе наврати се поврзуваше и со Партизан, во кариерата играше за шпанските екипи Валенсија и Хувентуд.