ОФИЦИЈАЛНО: Марјан Илиевски е нов тренер на Пелистер

Откако пред десетина дена ги официјализираше првите две засилувања за кошаркарската сезона 2020/21, битолски Пелистер од денес има нов тренер. Љупчо Малинков ја водеше екипата до прекинот на шампионатот, а со оглед на тоа што неговиот договор истече, клубот од Битола му се заблагодари на соработката. Од вечерва нов предводник на Пелистер е Марјан Илиевски, кој потпиша договор за соработка со амбициозниот клуб од Пелагонија. 

Илиевски, кој има 44 години, успешно работеше во редовите на Блокотехна, но дојде до разделба по фузијата со Кожув. Младиот стратег испиша историја за кошарката во Гевгелија, со освојувањето на БИБЛ лигата, пласманот во финале на Купот и полуфинале во плеј-офот на шампионатот 2018/19.

Зад своето име Марјан Илиевски има тренерски ангажмани во Лирија, Кожув, Блокотехна, како и косовска Сигал Приштина, со која исто така ја освои БИБЛ лигата.

Пелистер следната сезона ќе биде посилен за Бојан Трајковски и Бобан Стајиќ, а и покрај шпекулациите, клубот одби било каква поврзаност и доведување на Данило Мијатовиќ.