ОФИЦИЈАЛНО: Ѓорѓевиќ е нов тренер на Фенер, доаѓа на местото на Кокошков

Легендата на српската кошарка и еден од најдобрите плејмејкери на претходниот милениум, Александар Ѓорѓевиќ е нов тренер на турскиот кошаркарски гигант, Фенербахче. Клубот ја официјализира соработката на три сезони со Ѓорѓевиќ, кој многу брзо по заминувањето од Италија, пронајде тренерски ангажман. 

Младиот тренер ќе го наследи својот сонародник Игор Кокошков, кој ќе се врати да работи во НБА лигата. Поранешниот српски селектор има тешка мисија, бидејќи главен конкурент на Фенер му е Анадолу Ефес, европскиот првак и екипата која освои тројна круна минатата сезона.

Со доведувањето на Ѓорѓевиќ продолжува традицијата турскиот гигант да ангажира српски тренери, откако најсветлиот период од клупската историја го одбележа Жељко Обрадовиќ, кој четири пати го одведе клубот на „фајнал-фор“ и еднаш се закити со европска титула.