ОФИЦИЈАЛНО: Евролигата и Еврокупот прекинати без прогласување на првак

Претседателот на Евролигата, Жорди Бертомеу како што беше најавено предложи откажување на тековната сезона во елитното кошаркарско натпреварување, а клубовите не се противеле на оваа одлука.

Челните лица на лигата на својата веб страница и официјално означија крај на сезоната во Евролигата и Еврокупот, без прогласување на шампион. 

„Откако ги разгледавме сите можни опции, бордот на директори донесе одлука да се поништи сезоната 2019/20 во Евролигата и Еврокупот и сите натпреварувања под наша закрила. Со цел да ги задржиме вредностите на спортскиот интегритет, одлучивме да не прогласиме шампион во ниту едно натпреварување“, стои во соопштението. 

Меѓу другото, одлучено е идната сезона составот на Евролигата и Еврокупот да останат исти како во оваа, секако доколку сите екипи одговорат на повикот. 

Во Евролигата, пред прекинот, беа одиграни 28 кола од регуларниот дел на сезоната, со преостанати шест за доигрување. Лидер беше Анадолу Ефес, кој беше во одличен налет и важеше за главен фаворит за титулата. 

Од друга страна, во Еврокупот беа комплетирани групните сегменти од турнирот и требаше да се играат четвртфинални натпревари.