• Горан Упале

По враќањето на Бобан Стајиќ, кој одново ќе има задача да го разигрува нападот, македонскиот вицешампион Пелистер се засили и под кошевите. Овој пат пазареше од странство и со своите редови доведе добро познато име на македонската кошаркарска јавност.
Андрија Бојиќ по пауза од три години се враќа во Првата кошаркарска лига на Македонија. Српскиот центар треба да биде големо засилување на „зелено-белите“ особено под кошевите. Се работи за 31-годишен кошаркар кој во својата богата кариера на двапати го носеше дресот на шампионот МЗТ Скопје, во 2018/19 и 2020/21. Негов последен клуб беше Спартак.
„Му посакуваме добредојде на Андрија Бојиќ, ново засилување на центарската позиција за натпреварувачката 2024/25 сезона. Андрија Бојиќ е роден во Белград во 1993 година. Се работи за центар висок 207 cm кој својот прв професионален ангажман го имаше со тимот на Мега Визура во 2011та година.
Откако настапуваше за повеќе тимови во најсилната Српска лига, во 2018та потпиша со МЗТ Скопје каде што настапуваше една сезона, за потоа уште еднаш да се врати во тимот од Аеродром во натпреварувачката 2020/21. Со МЗТ освои две титули во домашното првенство и во купот. Во нашиот тим доаѓа од тимот на Спартак Суботица, со кој настапуваше и во АБА2 лигата. За Српскиот тим лани настапи на 20 натпревари и во просек забележуваше по 15 поени, 5 скокови, блок и асистенција. Може да игра на позициите 4 и 5“, објави македонскиот вицешампион.
Пелистер и во новата сезона ќе настапува во АБА2 лигата, но овој пат со нов тренер на клупата. Во Битола се врати Александар Петровиќ.