• Горан Упале
Грчката престолнина Атина и познатата сала „О.А.К.А.“, домот на кошаркарскиот гигант Панатинаикос, официјално ќе бидат организатори на завршниот Ф4-турнир во машката кошаркарска Евролига во 2026 година.
Одлуката беше донесена денеска, по гласањето на клубовите-акционери во Евролигата. Првично гласањето беше планирано за летото, но процесот беше одложен поради административни причини и потребата за дополнителни консултации меѓу клубовите и раководството на лигата.
Атина веќе има значително искуство во организација на вакви големи кошаркарски настани. „ОАКА“ низ годините повеќепати била домаќин на спектакуларни натпревари, а грчката публика е позната по својата страст и енергија која создава уникатна атмосфера на трибините.
Според информациите на специјализираното издание Eurohoops.net, кандидатурата на Белград значително изгубила на тежина поради актуелната политичка состојба во Србија. Тоа влијаело врз довербата на дел од клубовите, кои во вакви случаи преферираат стабилна средина и сигурност околу организацијата на еден од најголемите спортски настани во Европа.






