Одложениот натпревар меѓу Куманово и Пелистер ќе се одигра денеска

Одложениот натпревар меѓу Куманово и Пелистер од 14. коло во Првата македонска кошаркарка лига ќе се одигра попладнево во салата на СОУ „Перо Наков" во Куманово, со почеток од 18:00 часот.

Натпреварот првично требаше да се одигра во неделата, но беше одложен поради тоа што спортската сала во Куманово не ги исполнуваше комплетните пропишани услови, согласно пропозициите кои се наложени од Кошаркарската федерација на Македонија за одигрување официјални натпревари. 

Семафорот со часовникот за мерење на 24 секунди не беше поставен согласно пропозициите, а исто така и осветлувањето во салата не било според предвидена луксажа за одигрување официјален натпревар.

Од КФСМ на домаќините им беше даден рок до денес напладне да ги коригираат утврдените недостатоци, па одлучено е натпреварот меѓу Куманово и Пелистер да се игра попладнево од 18:00 часот во салата на СОУ „Перо Наков" во Куманово.