Одличното издание на Димитријевиќ недоволно за победа на Уникс над Локомотив

Македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, со својот Уникс Казан забележа пораз во полуфиналната серија од ВТБ лигата, oткако тој и соиграчите загубија од Локомотив Кубан со конечни 89-83. 

Локомотив сега има водство од 2-1 во серијата, а во финалето ќе се пласира првиот тим што ќе дојде до три победи. Димитријевиќ имаше повторно одличен настап и запиша 19 поени, два скока и осум асистенции, но недоволно за да спречи пораз на својата екипа. 

Уникс успеа да се врати во неизвесна завршница во последните десет минути, но сепак Локомотив имаше поголема концентрација во клучните моменти и заслужено запиша триумф со кој си ги отвори вратите за пласман во големото финале.

Четвртиот натпревар помеѓу овие ривали е закажан за 13 мај, а доколку има потреба од „мајсторка“, таа ќе се одигра три дена подоцна.