Одличен учинок на Димитријевиќ во вториот пораз на Уникс од ЦСКА

Екипата на Уникс Казан на нашиот Ненад Димитријевиќ направи чекор наназад во битката за титулата во руската ВТБ лига, откако денес загуби од ЦСКА Москва со резултат 94-83. 

Тимот од главниот град стигна до втор „брејк“ на гостински терен и со предност од 2-0 ќе ја пресели серијата во Москва, каде ќе има голема шанса да се врати на тронот во руската кошарка.

Нашиот Нено мина нешто повеќе од 32 минити на теренот и забележа солиден учинок од 18 поени. Македонскиот плејмејкер имаше совршена реализација од линијата за слободни фрлања, а постигна и две тројки од вкупно четири обиди. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Американецот Маркос Најт, кој забележа 22 поена, додека кај ЦСКА Москва најдобар поединец беше Мело Тримбл, кој запиша два поена помалку.

Третиот натпревар од финалната серија е закажан за 31 мај, со почеток во 19:00 часот.