Од Широки порачуваат: Играме без притисок, сакаме АБА2-полуфинале

Без притисок и без фаворитска улога тимот на Широки дојде во Македонија на првиот четвртфинален дуел против МЗТ Скопје. Иако имаат предност реваншот да играат пред своите гледачи, заради подобриот пласман во регуларниот дел на сезоната, од таборот на Широки не се сметаат за фаворити.

„Игравме против МЗТ Скопје во последното коло и ги победивме. Сепак, ова ќе биде сосема поинаков натпревар, бидејќи е четвртфинале. Тие се квалитетен тим и секако очекувам два многу тешки натпревари. Се надевам дека, без разлика на долгиот пат, ќе одиграме добро и на крајот ќе се пласираме во полуфиналето на АБА2 лигата“, рече Иван Велиќ, тренерот на Широки.

Мартин Јунаковиќ го дели мислењето на својот тренер и верува дека неговиот тим може да го елиминира македонскиот првак.

„Нема непознаници меѓу нас и МЗТ Скопје. Неодамна игравме со нив, знаеме како играат и тие знаат како играме ние. Мораме да бидеме агресивни и концентрирани сите 80 минути, а најважно е да го дадеме максимумот. Играме без притисок и ќе се обидеме да се пласираме во полуфиналето од АБА2 лигата“, рече Јунаковиќ.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Широки се игра вечерва од 20:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.