Од готово-вересија: Македонија по три продолженија загуби од Израел!

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 16 години имаше добра шанса да забележи победа на Евроспкото првенство (ЕП) над Израел, но во драматичен финиш и три продолженија загуби од ривалот (99-90) иако водеше убедливо.

Нашиот национален тим покажа огромна борба, имаше контрола на играта во текот на првите три квартали, дури имаше и позитива од 17 поени пред влезот на последните десет минути (45-62), но тоа беше недоволно рутински да се добие мечот и се направи од готово - вересија. Се играа дури три продолженија, а дуелот кој го одбележа епска драма заврши во полза на противникот кој се покажа како поефикаен во клучните моменти. Ова е втор пораз на еврошампионатот за нашите надежи, по оној од Шпанија во првата рунда.

На влезот на четвртиот период, нашиот напад затаи, па даде само пет поени за седум минути, а Израел се доближи на само три поени негатива (64-67).  Главно оружје на Израелците во последниот период беа шутевите за три, со кои лесно ја топеа предноста на „црвено-жолтите“. На 2:20 до крајот, следеше и првото изедначување (70-70), па дуелот се решаваше во самиот финиш.

Драмата траеше до последната секунда, иако Македонија можеше да го реши мечот порано. При водство од 70-72, нашите кошаркари двапати направија грешки во нападот и му дозволија на Израел да се враќа. На 17 секунди пред крај резултатот гласеше 72-72, а нашите кошаркари не искористија шут за триумф преку Митревски и се играа продолженија. Екстра-времето мина супер изедначено, на шест секунди пред крајот резултатот гласеше 80-79 за Израел, а Македонија доби две слободни фрлања. Симиќ го погоди едното од двете за 80-80, па во последните шест секунди и двете селекции не дадоа кош, за нови екстра пет минути. Но, ни тогаш не видовме ништо ново, туку голема борба и нова изедначеност (88-88), за трето продолжение, во кое нашите кошаркари ги стигна заморот и за четири минути дадоа еден поен, статистика која беше клучна за поразот.

Најдобар во нашиот национален тим беше Митревски со 22 поени, Мемед даде 16, а Наков заврши со „дабл-дабл“ од 13 поени и 10 скока. Одличен под обрачите беше Симиќ, со вкупно 18 скока, од кои 10 дефанзивни.

Следниот натпревар на ЕП за нашите кадети е утре (недела), кога националниот тим се среќава со Летонија.