Обст: Во НБА можат да се нарекуваат како сакаат, ние сме светски прваци

Кошаркарската репрезентација на Германија сосема неочекувано дојде до трофејот на неодамна завршениот Мундобаскет. На патот до тронот Германците турнаа неколку фаворити, меѓу кои и Соединетите Американски Држави. 

Интересен коментар за Американците имаше Андреас Обст, човекот кој блесна токму во дуелот против нив. Тој се осврна на коментарите на американскиот атлетичар Ноа Лајлс околу НБА лигата, како таму освојувачите на шампионскиот прстен се нарекуваат светски шампиони. 

„Во НБА лигата велат дека се светски шампиони, бидејќи најдобрите на светот играат таму. Сепак, тие и натаму се шампиони во домашната лига, а Германија е светски првак.

Во НБА лигата имаат таков став,  мислат дека се најдобри. Смешно е како луѓето уште зборуваат за тоа. Можат да се нарекуваат како сакаат, тоа не го менува фактот дека ние сме шампиони на светот“, изјави Обст.

На турнирот, кој се одигра во Јапонија, Филипините и Индонезија, Обст беше еден од кошаркарите кои се појавија од сенка, но стана еден од носителите на играта на Германците.