• Мартин Танасковски
Кризата во редовите на Партизан Моцарт Бет продолжува. Српскиот тим доживеа уште еден болен пораз во Евролигата, овојпат на гостувањето кај најлошиот тим на табелата АСВЕЛ. Тимот на Жељко Обрадовиќ сега има пет порази на последните шест натпревари, а искусниот стратег по дуелот јавно ја изрази својата фрустрација од однесувањето и пристапот на играчите.
Обрадовиќ, кој ретко кога ја крие својата искреност, овојпат говореше со невидена острина. Според него, Партизан воопшто не влегол концентрирано во натпреварот, а тоа го нарече неприфатливо за клуб од таков ранг.
„Го започнавме натпреварот на начин кој едноставно не може да се оправда. Тоа како изгледавме на терен е срамно. Некои играчи треба сериозно да се запрашаат зошто дојде до тоа. На секој наш меч има многу луѓе кои доаѓаат да не гледаат, а тие заслужуваат тим што се бори и покажува желба,“ изјави Обрадовиќ за Арена Спорт.
Тренерот објасни дека проблемот лежи во фокусот, односно неговото целосно отсуство. Според него, однесувањето пред мечот најдобро го открило недостатокот на подготвеност.
„Играчите не размислуваат за играта. Пред самиот меч сите беа на телефон. Јас сум човек кој во секоја ситуација презема одговорност, но ова не можам да го разберам. Го менував тимот, се обидував да внесам енергија, и покрај сè дојдовме и до ситуација да победиме,“ нагласи Обрадовиќ.
Иако на полувреме упатил сериозни забелешки и предупредувања, стратегот откри дека реакција кај играчите едноставно немало.
„На паузата кажав сè што требаше. Но после натпреварот, кога влегов во соблекувалната, сликата беше идентична како и пред почетокот. Тоа е неверојатно. Не знам како да реагирам повеќе. Не сум само разочаран, туку навистина немам зборови да го опишам колку се чувствувам лошо,“ додаде тој.
Партизан по овoj пораз падна на биланс 4-7 и се израмни со Анадолу Ефес на 16. позиција во Евролигата. Тимот се соочува со сериозен притисок, а атмосферата околу клубот станува сè потензична









