• Саше Љолес
Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, како и секогаш беше искрен и прилично сериозен на прес-конференцијата по победата на неговиот тим над вечниот ривал, Црвена Звезда.
Партизан забележа нова победа против вековниот градски соперник, но се чини дека трофејниот стратег во еден момент се налути од прашањето на една искусна српска новинарка, по што ѝ одговори дека Партизан не е тим што „се коцка“ или дозволува да биде разнишан во одредени моменти од играта.
Новинарката го праша Обрадовиќ за честите осцилации во играта и испуштањето на големо водство во текот на натпреварите, на што стратегот одговори помалку дрско, но искрено и директно.
„Зарем мислите дека постои тим во Европа кој може си дозволи да се „коцка“? Зборувам за тимови кои играат на највисоко ниво, тоа не е возможно, едноставно не постои. Голем фактор е секогаш и квалитетот на противникот. Постои ли такво нешто? Што мислите?
Зарем сметате дека ние сме обврзани да водиме дваесет разлика? Мислите дека постои таков тим во Европа? Победи ли некој со повеќе од 20 разлика досега во Евролигата? Имаше само еден или два дуела. Резултатите се тесни, зашто сите екипи се многу силни.
Никој од моите играчи не се „коцкал“ додека играл за Партизан. Во тоа можете да бидете сигурни. Тоа никој не го прави намерно, туку со најдобра желба и намера се случуваат и грешки. Јас сум тука да им укажам на грешките и само на тој начин можеме да напредуваме“, изјави Обрадовиќ.
На крајот Обрадовиќ во стил на голем џентлмен ја „спушти топката“ и ѝ се заблагодари на новинарката за поставеното прашање. Партизан двапати ја победи Црвена Звезда во период од четири дена. „Црно-белите“ не блескаат во Евролигата, но во моментов имаат учинок од две победи и три порази.