Обрадовиќ: Решија мали детали, Реал се издигна над сите невољи

Gol.mk на кошаркарски Final Four во Белград

Само во првата четвртина Жељко Обрадовиќ и неговиот Фенер имаа константно водство протид Реал Мадрид во финалето на Евролигата. Подоцна „белите“ загосподарија на сите делови од паркетот и се радуваа на победа и европска круна со резултат 85-80.

По натпреварот српскиот стручњак Жељко Обрадовиќ џентлменски им ја честита титулата на Шпанците. 

„Сакам да им ја честитам победата на ривалите од Реал Мадрид. Знам колку проблеми со повреди имаа сезонава и знам што значи да се издигнеш после сите невољи. Мислам дека натпреварот го решија мали детали. Нашата одбрана не беше на ниво, но имавме и неколку промашени зицери. Многу работи влијаеја на конечниот резултат“. смета Србинот.

Обрадовиќ само по третпат е поразен во финален натпревар на Евролигата, а Ласо и Реал Мадрид му се реваншираа за лесниот и убедлив пораз во ланското полуфинале во Истанбул. На српскиот стручњак сега му преостанува плеј-офот од турскиот шампионат, каде неговиот Фенербахче е голем фаворит за титулата.