Обрадовиќ го сруши својот Партизан, Ц. Звезда го победи Асвел во Франција!

Екипата на Панатинаикос го совлада белградски Партизан во натпреварот од петтото евролигашко коло со конечен резултат 55-72. 

Грчкиот гигант одигра одличен меч на враќањето на Жељко Обрадовиќ во својот Белград, каде го порази матичниот клуб со одличен пристап во сите четири четвртини. На паузата Панатинаикос водеше со 28-35, а клучна беше третата делница која ја доби со убедливи 9-20. 

Последните десет минути беа чиста рутина за „детелинките“, кои продолжуваат со совршениот старт на сезоната во елитното натпреварување и имаат максимални „пет од пет“. Најдобар поединец кај ПАО беше Најџел Хејс со 14 поени, a на спротивната страна четири поени помалку имаше уште еден Хејс, но со име Кевариус. Партизан сега има три победи и два порази во Евролигата. 

Честа на српските тимови ја одбрани Црвена Звезда, која славеше на гостувањето кај Асвел со конечни 82-84. 

Чима Монеке беше лидер во триумфот на белградскиот тим со 18 поени, а кај Асвел најдобар поединец беше Бот Гах со еден поен повеќе. Црвена Звезда има скор 3-2, додека францускиот има две победи и три порази. 

Фенербахче го совлада Жалгирис со убедливи 99-80, Барселона го надигра Макаби со 90-87, Дубаи славеше кај Басконија (79-93), а Реал Мадрид беше подобар од Олимпија Милано (89-98).

Утре се играат последните три натпревари од петтото коло на Евролигата.