• Иван Димовски

Екипата на Монако веројатно е најголемото изненадување на „фајнал-фор“ турнирот во Евролигата. Францускиот претставник ќе има навистина тешка задача во полуфиналето, каде што ќе го предизвика разиграниот Олимпијакос. Во пресрет на натпреварот, на средбата со новинарите своите очекувања од турнирот ги изнесе српскиот тренер на Монако, Саша Обрадовиќ.
„Сите од самиот почеток имаа дилеми околу нашиот квалитет. Да се биде на Ф4, со најдобрите кошаркари најдобрите тренери е неверојатно остварување. Среќен сум што сум тука и што имам околу себе момци кои ми помогнаа да станам подобар тренер. Ако видиме колку наши играчи играле на завршен турнир, ќе видите дека не сме фаворити, но ние ветуваме дека ќе се бориме до крајот. Откако се пласиравме во полуфиналето, секојдневно го чувствувам чекорот напред кој го направивме. За Монако и Франција ова е најдобра можна промоција“, изјави Обрадовиќ.
Покрај тренерот Обрадовиќ, на јавноста ѝ се обрати и најдобриот поединец на Монако, Мајк Џејмс.
„Прекрасно е да се биде тука и да се учествува на турнирот кој ќе го даде европски првак. Мојата порака е да уживаме во моментот. Мислам дека на „фајнал-фор“ нема фаворити. Се работи за еден натпревар и тука се рушат прогнозите и предвидувањата. Возбуден сум за мојот прв натпревар на Ф4 и едвај чекам да почне турнирот“, кажа плејмејкерот.
Французите и Грците ќе вкрстат копја во првиот полуфинален натпревар, кој е закажан за в петок во 17:00 часот. Подоцна, во вечерниот термин се игра средбата меѓу Барселона и Реал Мадрид.