• Саше Љолес
Српскиот кошаркарски тренер, Саша Обрадовиќ, „распали“ по челниците на Евролигата и рече дека најавената цена од пет милиони евра за тригодишна лиценца за настап е огромна.
Искусниот стратег смета дека Евролигата претерала со сумата што ја поставила за српските гиганти, Партизан и Црвена Звезда, истакнувајќи дека неколку важни работи мора да бидат земени предвид.
„Да се разбереме, Евролигата мора да има високи стандарди за да нуди место за најдобрите и најбогатите клубови. Не се согласувам дека екипи со скромен буџет треба да бидат дел од лигата, но во исто време сметам дека пет милиони евра за тригодишна лиценца е огромна сума.
Мора да се земе предвид постојаноста, константноста во резултатите, посетеноста и уште неколку важни параметри што ги нудат српските клубови. Се чини како Евролигата да ги дере нашите клубови“, изјави актуелниот тренер на Монако.
Црвена Звезда и Партизан оставија огромен впечаток во изминатите неколку сезони во Евролигата, а нивните натпревари во белградската „Арена“ се убедливо најпосетени во елитното натпреварување.