Обрадовиќ: Без драма и емоции, мечот со Партизан е како и секој друг!

Трофејниот тренер Жељко Обрадовиќ се подготвува за едно од најинтересните гостувања во Евролигата, бидејќи со Панатинаикос ќе се соочи со Партизан во Белград. Сепак, искусниот стратег порача дека личните емоции ги става во втор план и дека најважно му е неговиот тим да биде подготвен за предизвикот.

„Лично за мене, натпреварот против Партизан не е најважен, но важен е за екипата. Затоа ќе се обидеме да се подготвиме на најдобар можен начин“, изјави Обрадовиќ. 

Тренерот на Панатинаикос се осврна и на настапот на својата екипа на претходниот натпревар. Тој беше позадоволен од играта во одбраната, додека во нападот препозна простор за напредок.

„Игравме сериозно во текот на голем дел од натпреварот. Во одбраната бевме на потребното ниво, но во нападот не бевме толку добри. Сепак, честитки за екипата“, порача српскиот стратег. 

Токму подобрата реализација и поефикасните напаѓачки решенија ќе бидат меѓу приоритетите на Панатинаикос во подготовката за дуелот со белградскиот клуб. Обрадовиќ сака неговите кошаркари да ја задржат цврстината во одбраната, но истовремено да бидат поконкретни во нападот.

Интересот за средбата е дополнително зголемен поради враќањето на Обрадовиќ пред белградската публика, но тој останува фокусиран на задачата што ја има како тренер на Панатинаикос. Целта е јасна - неговиот тим да пристигне во Белград подготвен за тешкиот дуел и да се обиде да стигне до посакуваниот резултат.