ВИДЕО: Нуркиќ го удри Јокиќ в лице, па со една изјава ја „спушти топката“

Никола Јокиќ повторно беше главен играч кај Денвер Нагетс и го предводеше својот тим до победа на гостувањето кај Феникс Санс (111-119), a во последната четвртина се случи еден помал инцидент во кој Јусуф Нуркиќ го удри во лицето „џокерот“ на Денвер. 

Босанскиот кошаркар и пред тоа имаше проблеми со личните грешки, а фаулот над Јокиќ значеше негова преселба на клупата. Медиумите не заборавија да го прашаат Нуркиќ зошто го удрил Србинот, особено поради фактот што порано беа соиграчи во Денвер, но босанскиот репрезентативец ја „спушти топката“ и искажа само пофални зборови за најдобриот кошаркар во НБА лигата. 

„Секако дека ударот не беше намерен. Се обидував да одиграм цврсто против сериозен противник. Никола е двократен МВП на лигата и со него мора да бидете секогаш цврсти и силни. Се обидувам да го користам своето тело и тоа е сосема нормално. 

Со Јокиќ се знаеме уште пред да дојдеме во НБА. Мислам дека нема да ми замери, ние сме пријатели и тоа секогаш така ќе остане. Некогаш знаеме да претераме со реакциите, но тука нема ништо неспортско“, изјави Нуркиќ. 

Босанецот Нуркиќ летово премина во редовите на Феникс Санс, а претходно мина шест сезони во Портланд. Во 2017 година беа заедно со Јокиќ во Денвер Нагетс, но малата минутажа го принуди Нуркиќ да побара трејд, по што замина во составот на Портланд. 

Најнови вести од
НБА, САД