Ново српско засилување за Валенсија, Стефан Јовиќ се враќа во Евролигата

Српскиот репрезентативец, Стефан Јовиќ, се враќа во Евролигата и ќе настапува за тимот на Валенсија, потврди клубот на својата официјална страница. 

Управата на шпанскиот клуб објави дека Јовиќ се обврзал на двегодишна соработка и се очекува тој да биде големо засилување за предизвиците во новата сезона. Србинот веќе ги мина задолжителните лекарски прегледи и го одработи првиот тренинг со новите соиграчи. 

Стефан Јовиќ беше еден од најдобрите поединци во составот на „орлите“ на неодамна завршениот Мундобаскет, а ова за него ќе биде втор ангажман во Шпанија, откако претходно настапуваше за тимот на Сарагоса. Кариерата ја започна во Слога од Краљево, а беше дел уште и од Раднички Крагуевац, Црвена Звезда, Баерн Минхен, Химки Москва и Панатинаикос

Интересно е и тоа што Јовиќ во јуни го продолжи договорот со Сарагоза, па затоа Валенсија мораше да исплати отштета од 250.000 евра за трансферот и услугите на Јовиќ.