• Саше Љолес

Американските медиуми објавуваат дека Детроит Пистонс ќе има нов тренер, а тоа е Монти Вилијамс кој го парафира најголемиот договор во историјата на лигата. Ниту еден друг тренер порано не успеал да добие ваков договор, а заработката за стратегот ќе биде навистина огромна.
Вилијамс беше тренер на Феникс Санс во последните четири сезони, а сега се сели на истокот и ќе биде предводник на Детроит Пистонс. Тој потпиша шестгодишен договор со поранешниот шампион, а доколку го одработи до крајот, ќе заработи неверојатни 78,5 милиони долари, што е апсолутен рекорд меѓу тренерите во НБА-лигата. Тренерот има загарантирани 72 милиони за шест сезони, а можно е да заработи и бонуси кои достигнуваат сума од 6,5 милиони долари.
Monty Williams has agreed to a six-year, $72M deal to become the Pistons head coach, per @ShamsCharania pic.twitter.com/619Zeos9zO
— Bleacher Report (@BleacherReport) June 1, 2023
Вилијамс има навистина богато резиме и се смета за еден од најдобрите тренери во лигата, а во минатото беше дел од Портланд, Њу Орлеанс, Оклахома, Филаделфија и Феникс. Ова за него е трет ангажман како главен тренер, а претходно истата функција ја имаше во Њу Орлеанс Пеликанс.
Управата на Феникс Санс се одлучи да ја прекине соработката со тренерот откако тимот не успеа да се пласира ниту во финалето на западната коференција. Доаѓањето на Кевин Дурент беше еден од најсериозните чекори последните години и екипата се вбројуваше меѓу главните кандидати за титулата, но беа сопрени од Денвер Нагетс во полуфиналната серија. Овој неуспех веројатно бил „последната капка“ и Санси решија да го отпуштат Вилијамс кој многу бргу си најде нов ангажман со исклучително богат договор.